Собранието на денешната 31. седница со 95 гласа „за“ и без ниту еден против и воздржан ја донесе одлуката за избор на претседател и членовите на Државната изборна комисија согласно Предлог одлуката која претходно денеска на седница ја донесе собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

За претседател на ДИК е избран Александар Даштевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Даштевски е поранешен член на ДИК (2012 – 2016), а на функцијата доаѓа на местото на Оливер Дерковски. Последна негова фунцкија беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација

За потпретседател на ДИК е избрана Дитмире Шеху од ДУИ, која и сега е на таа функција. За членови се избрани Борис Кондарко и Радица Ристеска, актуелни членови на ДИК, како и Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда тројцата поддржани од СДСМ. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ е избран Бобан Стојаноски, правник во Собранието, а на предлог на Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива избран е Кренар Лога, правник од Струга.

Пред изборот на старо-новиот состав на ДИК кој беше изгласан едногласно на пленарната седница  и со двотретинско мнозинство за дебата се јави единствено пратеникот Кастриот Реџепи од Движењето Беса. Тој во обраќањето истакна дека според резултатите од изборите во 2020 година нема ништо спорно и веќе го потпишале предлог составот на ДИК и при тоа се заложи за промена на моделот за избор на составот на Државната изборна комисија согласно препораките на ОБСЕ з нејзина професионализација.

– Оваа комисија ќе биде избрана согласно постојниот закон, но можеби е потребно да се изгласа нов модел кој ќе биде стабилен и нема да има пристисок според моменталните констелации… Добро би било сите заедно Собранието, но и Владата да размислуваат за реформирање на ова прашање за избор за стабилен закон кој ќе ги има одговорите во сите можни комбинации како врз основа на изборниот резултат или што ќе се случува ако некоја друга партија во меѓувреме стане дел од власта. После секој изборен процес партиите кои ги губат изборите велат дека имало нерегуларности бидејќи немале член во ДИК и се бара алиби да не се прифаќа гласањето. Би сакал во иднина да се импелементира идејата на ОБСЕ, ДИК да има професионални членови, да бидат непартиски и да биде тело кое не може да се оспорува од никој, рече Реџепи.

За некои предложени членови оцени дека се спорни, но вели, овој предлог ќе го поддржат иако немаат свој член во ДИК. Се заложи и за расправа за ова прашање за време на дебата за реформите на изборниот законик

Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15-ти овој месец.