На Зоран Заев и компанија некој треба да им појасни, дека Македонија е држава на македонскиот народ, реагира претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

– Во државата Македонија не живее македонска заедница туку македонски народ, иако Заев со Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017-та и Спогодбата Димитров – Коѕиас од 17 јуни 2018, вршејќи велепредавство, геноцид и злосторство против човештвото, се откажа од Македонците во соседните земји и во светот. Македонците не се една од многуте етнички заедници, како синоним за национално малцинство во сопствената држава Македонија! Македонците по род во Македонија се државотворниот и мнозински народ, вели во реакцијата објавена претседателот на СМК, петров.

Реакцијата се однесува на изразувањето во јавните настапи на премиерот Заев, во кои свесно или несвесно избегнува да каже македонски народ, па го именува како „македонска заедница“, како Македонците да живеат во туѓа држава во Република Македонија.

Претседателот на СМК, исто така, до Заев порача:

– Заев рекол: „Ако Иванов се дрзне да прогласи амнестија, новиот претседател ќе ја поништи за 30 дена“. (По)ука: Ако претседателот даде помилување, бидејќи тоа дискреционо право го има, никој повеќе не може да го поништи или измени, дури ни амнестираниот! Му ги кажува ли некој овие работи на Заев, прашува Петров.

Тој натаму објаснува:

– Според членот 11 од Законот за помилување, кој се уште важи, Претседателот има дискреционо право да помилува без претходна постапка и без ограничување. Тоа зависи само од неговата волја, ако сака. А, кој мисли дека ќе згреши ако ги помилува сите осудени од 27 април 2017, нека проба да го поништи помилувањето доколку го даде. Со евентуална амнестија од претседателот на Републиката, се изедначуваат во правата сите учесници од настаните во Собранието на Македонија, имајќи ја предвид селективната амнестија според владиниот Закон за амнестија од 18 декември 2018 со кој се амнестираа осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на Уставот, поради промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Еднаш дадена амнестија е трајна, непроменлива, неотповиклива и непоништлива, вели Петров во својот статус објавен на Фејсбук.