Нашата безбедносна состојба е стабилна. Во моментот нема индиции за директни закани врз нас од безбедносен аспект. Засега не се регистрирани упади од аспект на хибридни закани или какви било посериозни дејствување, но повеќе институции во државата кои се задолжени дневно известуваат и се справуваат со некои помали облици на такви појави.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска по презентацијата на новиот интерен систем за управување со јавните набавки во Министерство за одбрана.

– Во однос на хибридни закани, РС Македонија како дел од НАТО, но и генерално како држава на Балканот континуирано се наоѓа под некаков притисок или потенцијална закана, изјави Петровска.

Додаде дека една од големите клучни придобивки од членството во НАТО е што Македонија има капацитети да ја гарантира сопствената безбедност, но и е дел од колективниот систем за безбедност на Алијансата.

На новинарско прашање кои се причините за протерувањето на руските дипломати и дали се поврзани со безбедноста на државата, министерката Петровска нагласи дека МНР е надлежно да реагира на информациите што ги добива бебзенодсно – разузнавачките служби.

– Се работи за случај кога е прекрешена Виенската конвенција за однесување на дипломатите во нашата држава. Што значи дека тие со своите постапки на некаков начин ги прекршиле, ги пречекориле своите овластувања, рече министерката за одбрана.

Одговарајќи на новинарско прашање за сигурноста и безбедноста на информациите што се разменуваат со сојузниците од НАТО, министерката Петровска појасни дека размената на информации што ги добиваат и ги враќаат назад преку системот накомуникација на НАТО каналите е безбеден и се работи за систем менаџиран и управуван од НАТО структурите.

Прашана во врска испраќањето на наши трупи во Источното крило во НАТО, прашање за што било дискутирано во Брисел, за каков вид опрема и што е побарано од нашата држава, Петровска децидна дека не се работи за испраќање војници од македонската Армија, туку за потребата за зајакнување на источното крило на НАТО, кое се спроведува од сите 30 сојузници. Земјите кои се определени каде ќе се зголеми присуството на НАТО силите, информира, се Бугарија, Романија, Полска и Унгарија.

– Тоа се прави согласно плановите за распоредување на НАТО, во кое РС Македонија не е вклучена затоа што тие се правени до 2016 година, но заради зголемениот ангажман ќе биде очигледна потребата и на вклучување на нашата држава. Но, одлука за такво дополнително вклучување се уште немаме донесено, ниту сме се произнеле како држава. Со оглед на динамиката на терен ако такво нешто конкретно е побарано од нас, ние ќе одговориме соодветно, изјави министерката за одбрана Петровска.

Во однос на тоа дали сме подготвени, таа потенцира дека Армијата секогаш е подготвена да одговори на предизвиците кои се од нејзиниот делокруг на работење.