Стратешкиот дијалог ќе биде уште еден чекор напред во интензивната и продуктивна соработка меѓу САД и Македонија на полето на одбраната, истакнала министерката за одбрана Славјанка Петровска на средбата со помошничката на американскиот секретар за одбрана, Селесте Валандер, што се реализирала вчера попладне по американско време.

– Стратешкиот дијалог е дополнителен ветер во грбот за нашата плодна одбранбена соработка. Посветеноста и поддршката на САД за Македонија се докажува низ годините во кои ја градевме одбраната, а може да се види и денеска кога сме заедно дел од Алијансата, споделувајќи ги истите вредности, нагласила Петровска.

 

Порачала дека Македонија со дела покажала дека има јасна визија и цел кога станува збор за развојот на Армијата – таа да биде модерна, високо обучена и опремена со најсовремената воена опрема, и дека таа посветеност е видлива и кај сојузниците, особено Соединетите Американски Држави, кои ја помагаат модернизацијата.

Петровска и Валандер, како што соопшти Министерството за одбрана, разговарале и за новата безбедносна реалност во Европа. Заеднички ја осудиле руската агресија врз Украина, која, како што оцениле, наиде на обединето НАТО.

– Валандер на работната вечера го истакна значењето на С. Македонија во одржувањето на регионалниот мир и безбедноста, потенцирајќи ги одлуките кои овозможија прием на С. Македонија во НАТО, како вистински одлуки во вистинско време, информираа од Министерството за одбрана.