Ако не се продолжи со поддршката за Украина, на секаков начин, како што тоа го правиме досега, а за што се обединети и сојузниците во НАТО, тоа нема да донесе добро ниту за Европа, а не пак за земјите од Западен Балкан, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Според неа, Македонија од почетокот на војната во Украина има јасни позиции – и во однос на осуда на неоправданата руска агресија и во однос на политичка и воена поддршка на Украина.

Таа се согласува со изјавата на американскиот претседател Џо Бајден кој пред неколку дека праша – ако САД заминат од Украина, а Русија опстои и ја победи Украина, што мислите дека ќе се случи со балканските земји.

-Не би рекла дека се мисли на конвенционална воена закана, иако во некои земји не исклучувам и такво нешто, особено оние што не се членки на НАТО. Меѓутоа, во секој случај ќе биде дестабилизација. И во политичка смисла кога имате нестабилни влади, кога имате демократски процеси кои запираат, кои добиваат поинакви текови – сето тоа е политичка дестабилизација. И некогаш таквите влијанија, дестабилизација во политичка и демократска смисла, може да траат подолго и да нанесат поголема штета, вели Петровска.

На прашањето – ако вели дека поддршката за Украина мора да продолжи, зошто Владата одби барање за помош од Украина пред околу еден месец, Петровска вели дека станува збор за само едно од десетици барања на кои било одговорено позитивно.

-Само тоа беше одбиено поради тоа што опремата која беше побарувана во тоа барање е дел од нашата формација и е дел од борбената готовност на армијата. Од моментот кога почнавме позитивно да одговараме на барањата, тогаш имаше друга теза – дека со давањето опрема и вооружување ја намалуваме борбената готовност, па бев прогласувана и за предавник. Меѓутоа, кажав, без разлика што и да ни е побарано, ако ставот на Генералштабот е дека опремата која е предмет на побарување може да се даде и со тоа нема да се наруши борбената готовност на Армијата , јас немам да имам двоумење, рече министерката за одбрана.

Петровска дополни дека одбивањето на барањето не било од политички причини, бидејќи истовремено во тој период се одржувал воен тренинг на Криволак за припадници на украинските сили. Во меѓувреме пристигнало и ново барање од Украина и тоа, според кореспонденцијата со Генералштабот, вели министерката, најверојатно ќе биде одобрено.

Фото: 360 степени