Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во гостување на „Топ Тема“ на Телма, обвини дека власта покажува сериозна неспособност во спроведувањето на реформите, нетранспарентност во носењето на законите и недостиг на вистинска посветеност кон европската интеграција на државата.

Петровска, како што се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално, нагласи дека токму неспроведувањето на реформите е една од најголемите слабости на актуелната власт. Како пример го посочи Законот за Судскиот совет, кој е дел од реформската агенда, а кој повторно се менува само шест месеци по неговото донесување.

-Само ако очекувате дека се усвоени еден или два амандмани или дека е одржана некоја јавна расправа, не значи дека процесот бил инклузивен. Ако не ги сослушате учесниците и не ги прифатите нивните конструктивни забелешки, не може потоа да тврдите дека реформата била инклузивна- порача Петровска.

Таа потсети и на повлекувањето на Законот за јавно обвинителство, оценувајќи дека тоа е уште еден доказ за несериозниот пристап на Владата кон реформските процеси.

-Кој ќе сноси одговорност за тоа што беше повлечен Законот за јавно обвинителство? Или барем да добиеме објаснување. Кога ние велевме дека не е коректно во пресрет на избор на јавен обвинител Собранието да носи вакви измени, бевме обвинувани дека го кочиме процесот. На крајот законот беше повлечен- истакна Петровска.

Пратеничката на СДСМ ја отвори и темата за состојбите во јавните финансии, посочувајќи дека компаниите се соочуваат со доцнење на повратот на ДДВ, додека Владата тврди дека таков проблем не постои.

-Сите податоци и разговорите со компаниите зборуваат дека се доцни со исплатата на ДДВ. На пратеничко прашање министерката вели дека тоа не е точно. Сега, кој ја зборува вистината – тие на кои им се доцни со исплатите или министерката која тврди дека државата не должи никому?“- посочи Петровска.

Таа оцени дека токму ваквите примери ја намалуваат довербата во институциите и покажуваат зошто Владата нема кредибилитет да зборува за успешно управување со процесите во државата.

Во однос на техничката влада, Петровска повтори дека нејзиното постоење е гаранција за доверба во изборниот процес сè до членството на Македонија во Европската Унија.

-Нашиот став е дека техничката влада треба да постои до влезот на Македонија во Европската Унија. Обидот за нејзино укинување сега, преку скратена постапка, само покажува недоследност и политички калкулации- изјави Петровска.

Фото: Архива