Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска денеска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ заедно со, како што рече, манифест за социјалдемократија каде се напишани итните приоритети по големиот пораз.

Петровска потврди дека добила поддршка од актуелни и поранешни партиски функционери кои застануваат зад нејзината кандидатура.

-Иако СДСМ и во минатото доживувал порази и победи, овој пат ситуацијата е специфична, особено имајќи ги во предвид политичките околности во државата. На ниту една држава, особено на РС Македонија не и треба слаба или никаква опозицијата. Предизвик сериозен е, СДСМ да се исправи, да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ. Во оној период кој е многу кус и е пред нас, затоа што очекувам дека новата Влада ќе има набиена динамика, ќе треба да ги консолидираме внатрешните редови, нагласи Петровска.

Посочи дека сосема очекува и разбирливо е незадоволство на членството кога доживувате неуспех, но нагласи дека доколку ја добие поддршката , дебатите и размената на мислења ќе се вратат меѓу партиското членство.

Претходно, кандидатурата ја поднесе екс министерот за здравство Венко Филипче, најавена е и кандидатурата на актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски.