Само 25 дена откако го претепа татко ми, речиси до смрт, Спиро Чорогунов повторно почна да се шета во нашиот кварт како граѓанин кој не сторил никакво кривично дело.
Ова го пишува на Фејсбук Стефан Петровски, син на Бранко Петровски, кој неодамна беше претепан од бизнисменот Чорогунов.
– Без тронка каење или срам се појавува повторно пред нашите очи на неколку метри од местото каде го стори делото. Можеби мисли дека се поздаборави. Кога ќе помислам како го удира, срцето ми се кине, а сега кога помислувам дека ќе го сретнам мислам дека и ќе ми застане. Ова е татко ми 2-3 минути по ударите (на другата фотографија е напаѓачот). Татко ми на оваа фотографија се уште не отечен, но фрактурата на горниот дел од носот е видлива. На лекарското уверение официјално утврдени се пет фрактури, пишува Стефан Петровски.
Тој додава дека „една за малку ќе беше смртоносна“.
– Инспекторот кој го води настанов е многу коректен и вети дека до крајот на оваа недела ќе биде се завршено од негова страна. Татко ми нема да биде работоспособен 6 до 8 месеци. Ве молам споделете му го суратот. Мора сите да дознаат дека вакви „шерифи“ шетаат низ градот. И дека само поради финансиската моќ си дозволуваат да одземаат нечие здравје (мислејќи дека нема да одговараат за тоа). Да не му се случи на друг! Ова никогаш да не се повтори, порачува Петровски во објавата на Фејсбук.
Како што веќе е објавено, Бранко Петровски, откако беше претепан од Чорогунов, подолго време беше на болничко лекување. Чорогунов го извршил нападот врз Петровски во непосредна близина на хотелот „Александар 2“, откако претходно му го попречил патот и побарал од него да ја симне рекламата за неговата менувачница што таму е поставена пред 19 години.
Чорогунов, како што објавија повеќе медиуми, е газда на хотелите „Александар Сквер“ и „Александар 2“ во центарот на Скопје, градежната фирма „Караорман“ и неколку други бизниси. А во непосредна близина на хотелот „Александар 2“ се наоѓа менувачницата на Петровски и неговото кафуле „Гарсон“, омилено собиралиште на млади уметници, новинари и граѓански активисти.