„Ние сме Влада која наследила одредена позиција во општеството со висока корупција, нереформирано судство, празен буџет, криминал, „Бехтел и Енка“ непочнати исплатени 600 милиони евра, неизграден автопат Кичево – Охрид. Ние велиме дека од оваа почетна состојба која ја наследуваме државата и можноста да ја управуваме ќе се трудиме да го извлечеме максимумот и да ги подобриме работите во секој сегмент“, истакна пратениот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24.
Тој продолжи и додаде:
„Ќе беше добро доколку беше понудено соодветно решение, затоа што токму од овие држави доаѓаа најголемите критики за високиот степен и галопирачката корупција во Република Македонија и неказнивоста на високите функционери и нефункционирањето на правосудниот систем што се отсликува и во довербата на граѓаните кои се изјаснуваат на сите релевантни анкети домашни и меѓународни. Од друга страна мора да укажеме дека суверенот во оваа држава се граѓаните кои на 8 мај преку гласање во огромен процент дале доверба на оваа програма „Платформа 1198“ и Владата направила програма врз основ на оваа победничка програма каде е наведено дека повеќе во судството работите „како досега“ не функционираат и не може да донесе никаква промена“, рече Петрушевски.
Тој посочи дека на ваков проблем ни треба рестарт на системот а тој рестарт треба да почне преку разрешување на овој систем.
Петрушевски укажа дека апсолутно не планираат како Влада и како политички субјект да ги бираат членовите на судскиот совет, сакаме тоа да го направат самите судии и обвинители.
„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ како едни од носечките проекти кои беа комуницирани во предизборието се распуштање на судскиот совет и советот на јавни обвинители. Како европска, модерна и демократска партија ВМРО-ДПМНЕ е на располагање доколку нашите стратешки партнери имаат подобро решение кое ќе значи ефикасен правосуден систем кој ќе значи реформа на ова што го имаме досега, правда за граѓаните да лесно можат да дојдат до правда во Република Македонија, да прекине системот на неказнивост на високите функционери без разлика дали од сегашната или претходната власт“, потенцираше Петрушевски.