Собранието денеска ја продолжува расправата за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд.
Кацарска за уставен судија ја предложи Судскиот совет, на крајот на септември. Таа треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен.
За предлогот дискутираше пратеникот Бране Петрушевски, кој рече дека Кацарска е контроверзна личност, која со оваа функција во Уставниот суд се наградува поради нејзината послушност во извршување на наредбите од власта. Тоа што претседателот на Судскиот совет Кире Здравев не го образложил предлогот, рече тој, говори дека се срами од она што го предлага Судскиот совет.
На оваа дискусија реплицираше пратеникот Мартин Костовски од СДСМ, кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку има право да зборува за независно судство, откако цела јавност можела да чуе како се договарале и издавале наредби за судски пресуди. За време на неговата дискусија опозициските пратеници упатуваа свирежи, како и во текот на вчерашниот ден, кога излегоа и со транспарент „Кацарска извршител на мафијата“.
На дневен ред на оваа 20. седница се измените на Законот за приватно обезбедување, измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар, измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, сите во прво читање.
Доколку Комисијата за финансирање и буџет ги разгледа, Собранието би можело да расправа и за предлозите на законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка.
На дневен ред се и Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на РС Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлог на закон за изменување на Законот за работните односи и Предлог на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.