Анархистичка група под името „Вооружен одговор“ ја презеде одговорноста за ковертот со експлозивниот материјал откриен минатиот понеделник во судот во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Ковертот бил адресиран до една од претседателите на судот, а според локалните медиуми содржел 480 грама експлозивен желатин.
Анархистичката група, преку текст објавен на анархистички сајт ја презеде одговорноста, ја споменува судијката со цело име и презиме, коментирајќи дека „како што толку лесно ковертот-бомба стигна до нејзината канцеларија, толку лесно нашите куршуми можат да ја најдат својата цел“.
Паралелно упатуваат закани до судии, обвинители, полицајци и посочуваат дека би било добро внимателно да размислат за секоја нивна одлука, „бидејќи никогаш не знаете кон кој од вас ќе бидат насочени средствата со кои располагаме“.
Сомнителниот коверт беше откриен во судот во Солун, по што следеше евакуација на зградата, а при рендгенска проверка беше утврдено дека содржи експлозивен материјал.