Вардар рано изутринава отпатуваа за Украина каде во сабота треба да го играат мечот против Мотор Запорожје во СЕХА Лига. Покрај во регионалното натпреварување, „црвено-црните“ ќе се сретнат со Украинците и во Лигата на шампионите.
Тренерот на тимот, Давид Писонeро на пресот пред дуелот изјави дека ова е прв сериозен тест за Вардар и дека треба да дадат се одсебе, ако сакаат добар резултат.
– Ова ќе биде прв сериозен тест за Вардар, совршен натпревар за гостување во СЕХА лигата против многу добар ривал. Ако сакаме добар резултат, треба да дадеме се од себе. Трениравме напорно и мислам дека ни требаат квалитетни натпревари. Мислам дека играчите и екипата се подготвени за вакви натпревари и со нетрпение чекаат да излезат на теренот, соопшти Шпанецот.
За Украина отпатуваа 15 ракометари , но во тимот ќе ги нема Стојанче Стоилов, Жозе де Толедо, Калифа Гедбан и Сташ Скубе. Словенечкиот интернационалец се повреди на еден од последните тренинзи и клубот реши да го одмори за она што следува потоа, дуелот со Монпелје.
Голманот Калифа Гедбан не доби влезна виза за Украина, бидејќи процедурата за добивање е подолга, а распоредот од СЕХА лигата за новата сезона беше потврден пред нешто повеќе од две недели, па немаше време да целата процедура околу издавањето виза да се заврши.
Од клубот соопштија дека се надеваат дека Украинците ќе му издадат виза барем за вториот меч, оној во Лигата на шампионите повторно во Запорожје на крајот од месецов.