Германија следната година би можела да воведе задолжителен воен рок ако не се пријави доволен број луѓе, кои доброволни би се придружиле на армијата, за земјата да ги исполни своите обврски кон НАТО, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

– Нашиот модел од почеток се темели на доброволно учество. Ако дојде време да имаме повеќе расположливи капацитети отколку доброволни регистрации, тогаш би можеле да одлучиме да биде задолжително. Тоа е планот, посочи Писториус.

Според него Германија мора да биде способна да мобилизира вкупно 460.000 војници и резервисти, вклучително најмалку 200.000 активни војници.

Во Германија задолжителниот воен рок е укинат во 2011 година, но поради „заканата од Русија“ се размислува за негово враќање. Исто така НАТО побара од Берлин значително да ги прошири воените сили. Русија демантира дека планира напад врз земја-членка на НАТО и го обвинува Западот дека ги плаши граѓаните на ЕУ за да го оправда зголемувањето на буџетот за одбрана.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатиот месец вети дека ќе изгради „најсилна армија во Европа“.

фото: ЕПА