Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос предлага потпишување меѓудржавни безбедносни договори за решавање на проблемите и стабилност во регионот.
По средбата со американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис во Вашингтон, во изјава за медиумите, Каменос рече дека САД, со изградената доверба со грчката армија, грчката Влада и грчкиот народ, „на Грција ѝ ја доделиле улогата на централна оска на стабилност“ кон Кипар, Израел, земјите од Блискиот исток, но и на север кон Албанија, Бугарија, Србија и Македонија.
– Сметам дека во рамки на оваа политика, следниот чекор ќе биде потпишување заеднички одбранбени договори, на ниво на меѓудржавни договори, што ќе помогнат во решавање на проблемите, но и суштински во градењето на енергетската политика на поширокиот регион, рече Каменос.
Прашан конкретно за Македонија, Каменос повторно го спомена потпишувањето на меѓудржавни договори.
– Мојата позиција ја знаете, мислам дека е целосно јасна. Но, се чини дека случувањата водат кон тоа. Сметам дека следната фаза ќе биде создавање меѓудржавни договори што ќе го реши проблемот со нестабилноста, одговори министерот за одбрана на Грција.
Како што јави МИА од Атина, дел од грчките медиуми оваа изјава ја толкуваат како план Б на Каменос, односно да се исполнат геополитичките цели вклучени во Договорот од Преспа, без при тоа да се допре прашањето за името, а потпишувањето на договорите би било меѓу Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, а подоцна би се вклучила и Србија.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, токму ова, но и Договорот за Преспа биле темите за кои разговарале Каменос и Мичел на нивната средба.
Министерот за одбрана на Грција, на помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, му рекол дека Грција изразила добра волја во Договорот од Преспа и изразил убеденост, како што објави грчката новинска агенција, дека договорот нема да се ратификува во Македонија и затоа го предложил алтернативниот план за меѓудржавни договори.
Во однос на овие предлози на Каменос, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за радиото „Њуз247“ вели дека тие не биле доставени до владата и „во никој случај не можат да бидат алтернативен план за Договорот од Преспа“. с