Заменик-министерот за екологија, Јани Макрадули, ја продолжува потрагата по чист воздух за Скопје и за Македонија, овојпат во Лондон.

Пред малку Макрадули преку својот профил на Фејсбук соопшти дека за чист воздух не се „грижи“ само ветерот.

– Средба на 10 Downing Street, со Лорд Џон Рандл, специјален советник на британскиот премиер за животна средина. На средбата, на која го презентирав Планот за чист воздух, договоривме идна соработка која значи помош во имплементацијата, преку заеднички работилници со експерти и невладини организации од Обединетото Кралство, информира Макрадули преку Фејсбук.

Пред неколку дена, заменик-министерот за животна средина, на ист начин ја информираше јавноста за потрагата по чист воздух за Македонија во Германија. И се јавуваше, еден ден од Бон, другиот од Есен… А сега еве и од Лондон.

Неблагодарно е да се нагаѓа дали е случајност или навистина има ефекти од патувањата на заменик-министерот низ Европа во потрага по чист воздух, но факт е дека деновиве во најголем дел од денот во Македонија воздухот е чист.

Но, исто така факт е дека токму овие денови дуваат ветрови, па останува, кој како сака да верува: дали ефектите за чистиот воздух деновиве во Македонија се од Министерството за екологија и заменик-министерот или пак од ветриштата.

Во меѓувреме, додека Макрадули е низ Европа и договара работилници за чист воздух, шумата на Водно се касапи за изградба на гасоводот. А во Струга гори трската за да се создаде плодна почва за дивоградби, како онаа на Матка.