Обвиненија за велепредавство се покренати против пет лица кои наводно планирале да го киднапираат германскиот министер за здравство и, според извештаите, биле подготвени да убијат за да ја соборат германската влада, соопшти денеска германскиот државен обвинител.

Во средината на јануари 2022 година, обвинетите формирале група чија цел била „насилно да предизвикаат услови слични на граѓанска војна во Германија“ со цел да се собори владата и да се укине парламентарната демократија.

Во соопштението на обвинителството се наведува дека членовите на групата биле подготвени да ги загубат животите за оваа цел, а сите петмина од минатата година се во притвор.

Групата имала план, според кој требало да предизвикаат прекин на снабдувањето со струја за целата земја, да го киднапираат министерот за здравство Карл Лаутербах, да ги убијат неговите телохранители доколку е потребно, а потоа да свикаат собрание што ќе ја замени владата и ќе назначи нов лидер на земјата.