Милијардерот Чак Фини го оствари својот животен сон: тој ги распредели своите осум милијарди долари додека уште е жив, за да може да го види влијанието кое тоа го направи.
Последните 38 години, Фини, Американец со ирско потекло, кој заработи милијарди од дјути-фри трговија, донираше пари во добротворни организации и универзитети ширум светот со желба да дојде до нула – да донира сè.
Оваа недела, Фини, кој сега има 89 години, конечно ја достигна целта. Фондацијата Атлантик филантропс, која тој тајно ја основал во 1982 година и на која и го пренел скоро целото богатство, конечно остана без пари.
Додека ги потпишуваше документите за распуштање на фондацијата, Фини, кој е со лошо здравје, рече дека е многу задоволен што ова заврши „додека тој сè уште е на стража“.
Од својот мал, изнајмен стан во Сан Франциско, тој испрати порака до другите членови на „супербогатиот“ клуб, кои можеби и ветија дека ќе го споделат своето богатство, но само откако ќе умрат. Фини им рече: „Обидете се да давате додека сте живи, ќе ви се допадне“.
Фини, кој повеќето од своите пари ги даваше во тајност, рече дека се надева дека повеќе милијардери ќе го следат неговиот пример и ќе ги искористат своите пари во решавањето на најголемите глобални проблеми.
„Богатството носи одговорност“, често говореше. „Луѓето мора да се дефинираат себеси или да чувствуваат одговорност да искористат некои од своите ресурси за подобрување на животот на луѓето или, во спротивно, да создадат нерешливи проблеми за идните генерации“.
Кристофер Ешли, претседател и извршен директор на Фондацијата Атлантик, изјави дека Фини не ги наметнува своите ставови на другите богати луѓе, но дека честопати умеел да се запраша „колку јахти и пар чевли му требаат на човекот“. Како што вели, се прашувал зошто луѓето собираат богатство кога можат да погледнат наоколу и да ги видат огромните потреби на остатокот од светот.