Француската армија која е присутна во Мали од 2013 година, како што објави Елисејската палата изутринава, ќе ја напушти оваа африканската земја откако хунтата ја презеде власта. Останува да се прецизира распоредот за повлекување на трупите, јави дописникот на МИА.

Одлуката се очекуваше, сега тоа е и официјално. Франција, нејзините европски сојузници во Такуба и Канада, изутринава објавија „координирано повлекување“ од Мали каде француската армија пристигна во 2013 година за да ја поддржи земјата наспроти терористичката закана.

-Поради повеќекратните опструкции на преодните власти на Мали, Канада и европските држави кои дејствуваат заедно во операцијата Бархане и во рамките на оперативната група Такуба веруваат дека политичките, оперативните и правните услови повеќе не се исполнети за ефективно да ги извршуваат нивните сегашни воени заложби во борбата против тероризмот во Мали и затоа одлучија да започнат со координирано повлекување од територијата на Мали на нивните соодветни воени средства посветени на овие операции, пишува Елисејската палата во утринското соопштение за печатот.

Во основата на оваа одлука, за која Франција широко се консултираше со своите сојузници, беше нестабилноста во земјата предизвикана од изборот на хунтата, која дојде на власт во Бамако по два пуча, да не организира демократски избори.

-Ние забележуваме и жалиме што преодните власти на Мали не ги исполнија своите обврски кон ЦЕДЕАО, поддржан од Африканската унија, да организираат претседателски и парламентарни избори пред 27 февруари 2022 година. Ги повикуваме властите на Мали да го завршат периодот на транзиција и да организираат слободни , фер и кредибилни избори, се вели понатаму во соопштението.

Од друга страна, француската држава, Канада и нивните европски сојузници имаат намера да останат ангажирани во регионот „со цел да го задржат потенцијалното географско проширување на дејствата на вооружените терористички групи“. Така, „меѓународните партнери покажуваат подготвеност активно да ја разгледаат можноста за проширување на нивната поддршка на соседните земји во Гвинејскиот Залив и Западна Африка, врз основа на нивните барања“, уверува Париз и неговите сојузници.

-Сите ние ја потврдуваме нашата силна желба да продолжиме со нашето партнерство и нашата посветеност кон народот на Мали на долг рок, да се соочиме со сите предизвици што ги носи активноста на вооружените терористички групи во Сахел, се нагласува во соопштението.

Европските војници присутни во Мали ќе бидат прераспоредени во Нигер, соопшти од своја страна претседателот Емануел Макрон

Според Макрон, Сахел и Гвинејскиот Залив се „приоритетите на стратегијата за проширување“ на Ал Каеда и Даеш. Европските војници присутни во Мали ќе бидат прераспоредени во Нигер.

„Ќе продолжиме да ја обезбедуваме улогата на рамковна нација“, потсети тој.

Надвор од Мали, Париз има намера да ја продолжи антиџихадистичката борба во регионот, каде што движењата поврзани со Ал Каеда или Исламската држава задржаа силна моќ на вознемирување и покрај елиминацијата на многу водачи.

-Франција не заборава ниту еден од 53-те војници кои паднаа во Сахел кои се жртвуваа за слободата и јас мислам на нивните семејства, рече претседателот на Републиката. Од 2013 година, 53 француски војници се убиени во Сахел, од кои 48 во Мали.