На регионот му се заканува мигрантска криза и тоа прашање мора да го решава Европската унија заедно со земјите од Западен Балкан, се согласија вчера претставниците на земјите од регионот на конференцијата за европските интеграции во Подгорица.

Пратеничката во Хрватскиот сабор и поранешна хрватска министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, како што пренесе српски Блиц, смета дека ЕУ во овој момент нема заедничка политика, кога станува збор за мигрантската криза.

– Што се однесува за балканската мигрантска рута, тоа најпрво зависи од соработката со Турција, која може да ја отвори, но и да ја спречи, оцени Пусиќ.

Словенечкиот министер за надворешни работи Петар Грк истакнува дека единствен можен одговор на прашањето за мигрантите е земјите од Западен Балкан и ЕУ да се договорат и да донесат можни решенија.

– Мигрантскиот проблем не е нешто што ќе биде решено до утре, тоа е прашање кое ќе биде присутно и во иднина. На него не можеме да одговориме само на полето на безбедноста, туку мора да се најде решение кое ќе ги опфати сите инструменти кои ги има ЕУ, а едно од тие решенија е проширување кон Западен Балкан, рече Грк.

На самитот во Брисел е постигнат договор за решавање на мигрантската криза, меѓутоа и натаму има уште многу работа за да се надминат различните ставови на земјите членки на ЕУ.

Членките и институциите на ЕУ повеќе од две години пробуваат да дојдат до спогодба која би овозможила да реагираат поефикасно отколку во 2015 година, кога почна мигрантската криза.

Европските челници, на самитот во Брисел, успеаја да постигнат каков – таков договор за политиката спрема илегалните мигранти. Сепак, како што пренесе ТВ Н1, тоа е далеку од конечно решение, призна и германската канцеларка Ангела Меркел.

Треба да се почека да се види колку ќе успее идејата државите да отвораат доволно контролни кампови за мигранти.