По битката со огнената стихија во текот на ноќта, утрово подобрена е ситуација со пожарот во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, иако сè уште не е ставен под контрола, а рано утрово превентивно беа евакуирани уште пет села и Дом за стари лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот е во непристапен дел, на врв од планина каде што гори густа борова шума, а со разденувањето, во гаснењето се вклучија и воздушните средства.
Според противпожарната служба на Грција интервенираат 330 пожарникар со осум пешадиски тим и 115 возила, шест хеликоптери и пет авиони, меѓу кои и рускиот Вериев-200, а помагаат и 143 пожарникари со 46 возила од Полска.
Кусо по шест часот утрово, преку бројот за итни случаи 112 беше испратена порака до жителите на пет села за превентивна евакуација, а беше евакуиран и Дом за стари лица.
Пожарот изби вчера околу 13 часот, а силниот ветер што достигна јачина и до седум Бофор брзо ја прошири огнената стихија и дополнително ја отежнуваше работата на пожарникарите.
Денеска, интензитетот на ветерот е значително намален.
Вториот пожар во близина на Атина, односно во југоисточниот дел на областа Атика, речиси е ставен под контрола и засега, не претставува закана.