Демократијата не дава за право да се навредуваат другите. Бугарија ако сака да сме пријателска држава, треба да ја смени реториката, вели историчарот Петар Тодоров, член на Историско-образовната мешовита комисија, коментирајќи го настанот во Битола изминатиот викенд.

– Има нешто да се каже и ние како се однесуваме кон Бугарија. Иако ова повеќе говори за ставовите на Бугарија, која гради националистичко општество кое по падот на Берлинскиот ѕид негува антикомунизам. Пораката која ја праќа бугарското општество е многу непријатна не само за Македонија, туку и за целата Европа. Тоа е карактеристика и за други држави во регионот, како што е Србија со Дража Михајловиќ. Проблем е оваа политика на Тодор Живков што ја негува Бугарија, вели Тодоров за „Утрински брифинг“.

Според него, националистичките реторики и наративи се градат преку различни канали и се користат во прват криза што ќе се појави.

– Мислам дека Европа некако бавно реагира на вакви постапки, треба силно да се одговори на крајнодесничарските елементи кои ги релативизираат жртвите од Втората светска војна. Тоа го стори и самиот Европски парламент кога ги изедначи фашизмот и комунизмот за да можат да се рехабилитираат некои антикомунистички личности, вели Тодоров.

Тој вели дека државава покажа зрелост да нема реакција која би довела до немили настани.

– Треба да се спречи да настанат вакви инциденти и провокации. Големото мнозинство се согласува дека ова не е во ред и изразува згрозеност. Требало да се направи нешто да не дојде до оваа ситуација. Зошто сме дозволиле формирање здружение со вакво име, оти не е проблем самото доаѓање на делегацијата туку здружението со такво име. И не е првпат. Имавме здружение по име „Радко“ име кое е прекар на Михајлов, а Мара Бунева се чествува од пред десетина години и има комеморации во бугарскиот клуб во Скопје, коментира Тодоров.

Како член на Историско-образовната мешовита комисија, Тодоров вели дека од самиот почеток на Комисијата политичарите се тие кои треба да создадат услови да се решаваат проблемите и да се уредат учебниците.

– Ние можеби ќе направиме чекор напред, ни се случува враќање три чекори назад. Не е убаво да се слуша политичари да се занимаваат со минатото. Нивна задача е да создадат демократско општество, вели Тодоров за „Утрински брифинг“.

Со слична реакција на Тодоров вчера се јави и новиот академик, Драги Ѓоргиев, кој оваа титула во МАНУ ја стекна  како член на македонско-бугарската комисија која ги води преговорите за „препрочитување на историјата и учебниците по историја“ .

– Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство, изјави Ѓоргиев за Дојче веле.