Турската национална валута се стабилизира по неколкудневниот пад на курсот, кога достигна рекордни минимални вредности, по што денеска забележа раст од шест проценти.

Денеска еден американски долар според официјалниот курс се менува за 6,55 турски лири.

Вчера во еден момент доларот достигна рекордна вредност од 7,24 лири, но турската национална валута потоа зајакна по објавувањето на мерките на Централната банка на Турција за обезбедување „целосна ликвидност“ на банкарскиот сектор.

Турската лира од почетокот на годината загуби околу 40 проценти од својата вредност, што според експертите, е резултат на обидите на Владата на Турција да воспостави контрола врз монетарната политика на земјата, но и на тензиите во односите меѓу Анкара и Вашингтон, пособено по одлуката на САД за двојно зголемување на царините за увоз на некои турски стоки.

Ердоган изминативе денови во неколку наврати ги повика Турците да ги замента своите заштеди во евра и долари за лири, со што би придонеле за зајакнување на вредноста на националната валута.