Се очекуваат следните чекори на политичката сцена со кои ќе се разјасни состојбата со мнозинството во Парламентот, носењето на Буџетот за следната година, барањето од опозицијата за брзи предвремени парламентарни избори, евентуална реконструкција на владиниот кабинет, од кој по завчерашната неуспешна иницијатива на опозицијата за гласање недоверба на Владата се повлекоа кадрите на Беса.
СДСМ вчера порача дека заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбеди стабилност и продолжување на напредокот на земјата, барајќи истовремено оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од опозициската партија, пак, инсистираат на брзи предвремени парламентарни избори оценувајќи дека власта е делегитимирана по резултатот од неодамнешните локални избори.
Според СДСМ, Мицкоски со денови го лажел народот дека има ново мнозинство, а како што рече портпаролката Богданка Кузеска, криење зад брзи избори навистина нема смисла пред граѓаните после толку кажани лаги. – Сега не е време за избори, време е за одговорност бидејќи сме соочени пред многу предизвици како што е енергетската криза, живеачката на граѓаните, пандемијата, продолжување на патот кон ЕУ, и токму затоа време е за одговорност и не е време за брзи и предвремени избори, рече на прес-конференција Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведоа дека СДСМ на Локалните избори изгуби со над 100.000 гласови разлика и нема легитимитет од народот за да владее, а Зоран Заев треба да си ја реализира најавената оставка.
-СДСМ има само 59 пратеника плус еден киднапиран пратеник. Цел ден се држеше во заложништво пратеник, кој на крај не се појави во Собранието, туку беше пуштен преку видео после сите стравувања за неговата безбедност, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи го недоаѓањето на собраниската седница на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.
Пo шпекулациите за негово наводно исчезнување и киднапирање, Реџепи се огласи до јавноста преку својот фејсбук-профил и најави дека в понеделник ќе се појави пред новинарите за да разјасни што се случило со неговото недоаѓање во Собранието каде требаше да се гласа за доверба на Владата. Го повика Движењето БЕСА да не презема избрзани чекори кои, како што напиша, ќе им наштетат на нашите структури и активисти. По ова уследи објава на Фејсбук од претседателот на Движењето Беса Билал Касами, во која информираше дека го исклучил од партијата Реџепи.
–Имајќи ги предвид неодамнешните постапки на пратеникот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи кој не се појави во Собранието претходниот ден, да го поддржи предлогот за недоверба на Владата, со што постапи спротивно на одлуката на партијата во кој случај сериозно го нарушил и престижот на партијата, Движењето Беса, односно јас како претседател на партијата, согласно статутарните норми, односно член 14 став 3 точка 3.3 од Статутот на Движењето Беса, го исклучив гореспоменатиот член од сите партиски функции и тој не е повеќе член на Движењето Беса, напиша Касами.
Тој претходно информираше дека пријавил во полиција оти „пратеник на движењето БЕСА е исчезнат“ и ги повика властите да го најдат каде е и да објаснат зошто 24 часа не е достапен, но Министерството за внатрешни работи, соопшти дека Реџепи вчера своеволно дошол во полициска станица и дал изјава дека никогаш не бил исчезнат, туку самоволно, без никаков притисок, со семејството заминал кај пријател за да се заштити од публицитет поврзано со собраниската седница.
Партиските тела на Алтернатива, деновиве, како што изјави пратеникот Скендер Реџепи, ќе одлучат за една од двете опции – едната сите политички чинители да седнат и консензуално да го донесат буџетот за следната година, па да одат на брзи парламентарни избори, а втората да се прошири мнозинството. Реџепи најави дека ќе се одлучи кои од двете опции е поважна за државата и граѓаните, ставајќи ги во прв план нив, а потоа партиските интереси.
Според пратеникот на Алтернатива, пред партијата да донесе каква било одлука ќе се разгледаат многу фактори, но меѓу најважните, како што рече, бездруго е меѓународниот фактор, но има и внатрешни фактори со кои треба да се координираат. За да има условно кажано брзи избори, опозицијата, според него, треба да помогне буџетот да помине, со консензуален договор.
Лидерот на Алтернатива Африм Гаши, пак, синоќа во телевизско гостување рече дека сега не е добро да се оди на брзи избори.
-Не сум против избори поради изборен резултат, но сум против избори поради контекстот во кој се наоѓаме. Пред изборите во Бугарија, пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, по еден макотрпен процес за граѓаните како што се локалните избори кои се доста тешки и кои одземаат доста енергија, секој политичар, секој што се натпреварува, и граѓаните, па и вие новинарите, се изморени. Затоа мислам дека тоа не е добро решение. Но, сепак, останува тоа да го докажува секое мнозинство. Ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори, истакна Гаши.
На прашањето дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во Владата тој одговори дека немаат ниедна понуда. Принципиелно е, посочи, ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, за тоа како го гледаат тие, а како ние на процесот за излез од кризата. -Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција итн. Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и, се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија со доста развиена демократија, ние не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група туку ја отвораме како дебата внатре, дискутираме долго, ги анализираме сите димензии и ја носиме таа одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани, рече Гаши.
Во меѓувреме, најавените оставки ги ефектуираа кадрите во Владата од Беса, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа вчера заедно со заменик министрите за образование и наука и за култура Арафат Шабани и Седат Сулејмани. Оставките ги поднесоа како морален чин и почитување на одлуките на органите на движењето Беса.
Хоџа, кој е и генерален секретар на Беса, пак оцени дека не е загрозен евроинтеграцискиот пат на државата, туку демократијата и тоа од страна на ДУИ, која, како што рече, треба да се реформира. Можноста „Алтернатива“ да се приклучи на актуелното парламентарно мнозинство, Хоџа го искоментира како „самоубиство за секоја партија“.
По неуспешниот обид за формирање ново парламентарно мнозинство вчера се огласи владејачката ДУИ, од каде оценија дека по завчерашните настани победиле граѓаните и прогресивните евроатлански сили, пријателството со Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
-Лажните вести што ги пренесоа сојузниците на Левица – Таравари и Села, Касами и Хоџа целосно пропаднаа. Тие го немаат мандатот од народот и мора да се извинат за целиот стрес што вчера им го предизвикаа на граѓаните, соопштија ДУИ од каде уверуваат дека ќе останат на евроатлантскиот пат и ќе продолжат да работат во насока на интеграција на земјата во ЕУ.
Мицкоски пред една недела, заедно со Алтернатива, Беса, Левица и Алијанса за Албанците, најави ново парламентарно мнозинство по што беше поднесена иницијатива за гласање за доверба на Владата, но дневниот ред на собраниската седница завчера не беше изгласан поради немање на потребниот кворум, откако пратеникот Кастриот Реџепи не се појави на седницата.