Имав пријатна средба со генералната секретарка на меѓународната фондација Олоф Палме, Ана Сундсторм, во рамки на глобалниот настан Стокхолм+50, објави вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој заедно со министерот Насер Нуредини е во Шведска на форумот за здрава клима.
– Одличната соработка со партнерите со кои негуваме исти вредности ќе продолжи и во иднина со силна поддршка на евроинтеграциите и реформската агенда, насочена преку развојни проекти за заштита на демократијата и човековите права и слободи. Од голема важност е и програмата на Институтот за социјална демократија Прогрес што ја реализира Олоф Палме, која овозможува младите кои ги негуваат социјалдемократските вредности да се стекнат со современа политичка теорија и пракса, објави Маричиќ на својот официјален профил на Фејсбук.
Претходно денеска истото го направи и НУРЕДИНИ, кој објави дека на меѓународната конференција за здрава планета во Шведска, имал интензивни работни средби со високи претставници на ЕУ држави.
Речиси половина од министрите на владата на Димитар Ковачевски деновиве се надвор од земјава, на разни форуми, како и во САД на стратешкиот дијалог.