Започнува со работа мешовитата комисија во Србија, којашто ќе врши истрага за случаите со исчезнати бебиња во изминатите години. Во комисијата има претставници од државни институции и родители на деца кои се сомневаат дека децата им се исчезнати од породилишта.

Комисијата ќе биде задолжена и да испита одговорност на оние кои со години спречувале истрага, а родителите сакаат да ја знаат вистината и потоа и правда, вели Радиша Павловиќ, член на Комисијата и претседател на Здружението „За вистина и правда за бебињата“.

„Формирањето и почетокот на работата на комисијата едвај го завршивме благодарение на министерот Небојша Стефановиќ и Владата и покрај противењето на остатоците на поранешните режими во институциите“, изјави Павловиќ.

За законот расправаше и Комитетот на министри на Советот на Европа кои надгледуваат спроведување одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тие изразија длабоко жалење бидејќи властите во Белград пропуштиле да спроведат мерки од судски пресуди за да се обезбеди воспоставување механизам за обештетување за сите родители на исчезнати бебиња. Судот издаде налог за Србија за институционално решање на прашањата за исчезнати бебиња пред пет години.