Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса го известил премиерот Ранил Викремесинге дека ќе поднесе оставка, соопшти денеска кабинетот на премиерот.
И премиерот Викремесинге рече дека ќе се повлече за да дозволи привремената влада составена од сите партии да ја преземе власта по масовните протести во саботата поради економската криза.
Лидерите на протестното движење вчера најавија дека демонстрантите ќе останат во резиденциите на претседателот и премиерот во Коломбо, додека тие не си заминат од функциите.
Во Коломбо, најголемиот град во Шри Ланка, денеска се одржуваат мирни протести, а стотици луѓе влегоа во секретаријатот и резиденцијата на претседателот и ги посетија зградите од колонијалната ера. Полицијата не се ни обидела да ги спречи.
Земјата со 22 милиони жители се бори со сериозен девизен недостиг што го ограничи основниот увоз на гориво, храна и лекови, втурнувајќи ја во најголемата економска криза од независноста во 1948 година.