Кинеската морнарица и воздухопловните сили организираа маневри во спорните делови на Јужното Кинеско Море, соопштија кинеските вооружени сили. Ова се случи неколку часа откако кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараше за начините за намалување на регионалните тензии со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Кинеските маневри вклучуваа рутински вежби за рано предупредување и извидување, како и патролирање кај гребенот Скарборо, се вели во соопштението на јужната команда на Народноослободителната војска на Кина, без да даде дополнителни детали.

– Борците одржуваат високо ниво на будност, одлучно чувајќи го националниот суверенитет, безбедноста и поморските права и интереси и решително зачувувајќи го мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море, се вели во соопштението.

Кина има претензии за речиси целото Јужно Кинеско Море, вклучувајќи го и гребенот Скарборо. Претензиите во тие води имаат и Брунеи, Малезија, Филипини и Виетнам.