Се вратија деведесеттите. Со (Димитар) Ковачевски како премиер, (Артан) Груби како вицепремиер и (Оливер) Спасовски прв човек на полицијата се случуваат убиства, пасоши на криминалци се делат, наркотрафикантите седат до првите лица на владата.

Ова се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во врска со синоќешното двојно убиство во Скопје.

– Додека Спасовски вкупно е прв човек на полицијата 8 години, се случија стотина нерасветлени убиства. Што друго да се случи Спасовски да си даде оставка? Треба да одговори дали има политичка конотација ова двојно убиство и каква е поврзаноста со крилата на криминализираните ДУИ и СДС? Нема леб, скапи бензини, инфлација и многу убиства. Тоа е владеењето на Груби, Ковачевски и Спасовски, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што објавивме, во СВР Скопје синоќа во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова“ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки, од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.

Од МВР утрово информираа дека е известен јавен обвинител, кој излегол на лице место и по чија наредба телата се дадени на обдукција.

– Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди а6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството – наведуваат од МВР.