Првите 100 дена на новата Влада власта ги оценува како успешни, додека опозицијата упати серија критики. Премиерот Христијан Мицкоски задоволен од сработеното, и покрај како што вели лошата позиција наследена од претходната влада, додека според лидерот на СДСМ Венко Филипче во првите месеци од новата Влада не виделе ниту еден конректен проект или реформа во интерес на граѓаните.
На прес-конференција во Владата за одбележување на првите 100 дена од работата на новата Влада, Мицкоски нагласи дека првите 100 дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму и најважно, како што нагласи „покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас“.
-Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада, посочи Мицкоски.
Потсети дека за само 100 дена новата влада преку линеарното покачување на пензиите овозможи повисоки пензии за над 330 илјади пензионери, нови странски инвестиции, поевтини катастарски услуги, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа, највисока откупна цена за винското грозје, ограничена маржа за над 70 прехранбени производи, …
-Следуваат многу повеќе проекти, мерки и реформи за кои ќе работиме со целата наша енергија, со целото наше срце. Следуваат нови инвестиции, ценовни намалувања, одлуки за инвестиции, но и мерки за младите, и можам да кажам дека даноците ќе се намалат, вети Мицкоски.
Мицкоски, се осврна и на издвојувањето на Албанија од земјава во процесот во евроинтегративниот процес, напоменувајќи дека по ова прашање двете битни позиции се дека Владата никогаш нема да остапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните.
-Ја уверувам македонската јавност за две работи. Како прво да веруваат дека оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и стратешки правци на граѓаните. Нема никогаш да направи ниту една отстапка која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика, дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати… Втора работа, втора моја порака е дека како Влада никогаш нема да отстапиме од нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство од ЕУ и ако треба ќе разговараме со кого било и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема да повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите кои живеаат заедно со него, изјави Мицкоски.
Фокусот на оваа Влада, нагласи Мицкоски, останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ.
Посочи дека до вчера до кога бил рокот за предлог реформи за правосудството до Владата официјално не пристигнал ниту еден предлог и најави дека почнуваат да го „развиваме нашиот систем, нашата методологиоја и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем“.
На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција по повод првите 100 дена од работата на Владата, вчера рече дека во првите месеци од новата Влада не виделе ниту еден конректен проект или реформа во интерес на граѓаните и дека „добивме Влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност“.
-Досега, не исполнија ништо од овие ветувања, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочувања, рече Филипче.
Како што потенцира Филипче, нема ниту „трага од мудрата дипломатија која требаше да не направи повторно горди и ВМРО-ДПМНЕ ги разочара сите по ова прашање“.
-ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави, рече тој.
Потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ветуваше оти „Македонија ќе биде повторно ваша“, но, како што рече, “добивме Македонија која е повторно само нивна, партизирана, без одговорност, небезбедна, криминализирана и бесперспективна“.
– Имаме 100 дена изговори наместо решенија, изолација наместо интегрирање и општество во кое доминира неизвесноста. Паралелата меѓу ветувањата и реалноста е сурова. Македонија водена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде се само не горда и очигледно е дека државата оди во погрешна насока, рече Филипче.
Од Левица, преку соопштение од медиумите реагираа дека во првите 100 дена од новата влада продолжува старата политика и дека ВМРО – ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДСМ.
-Бришење на името Македонија и секој негов писмен траг, прифаќање на Преспанскиот договор, национални понижувања и дипломатски скандали, злоупотреба на службената положба и зголемување на бројот на министерствата, воведување нови директори и најавување на енормни задолжувања, се дел од „успесите“ кои ги донесе новата Влада, во првите сто дена владеење, се вели во соопштението од Левица.
Од НСДП, во соопштение до медиумите, реагираат дека за 100 дена нема отпочнато ниту една значајна реформа, ниту еден значаен проект со кој може да се пофалат пред граѓаните и да ја оправдаат големата поддршка која ја добија на изборите.
Фото: МИА архива