Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на маргините на состанокот на премиерите од Западен Балкан во албанскиот град Драч, денеска порача дека македонските граѓани треба да одлучат дали ќе се интегрираат во ЕУ или пак ќе се вратат во изолација.
Според него, се е во рацете на македонските граѓани кои треба да изберат или изолација, од која, како што рече, Македонија едвај се извлекла, или интеграција во ЕУ и повисок стандард.
Црногорскиот премиер Душко Марковиќ рече дека Подгорица го поздравува договорот меѓу Македонија и Грција, и оти тоа е голем настан, но и оти треба да се поддржи дијалогот Белград-Приштина.
Неформалниот состанок на премиерите од Западен Балкан заврши вечерва без присуство на шефовите на владите на Србија, Босна и Херцеговина и на Македонија. Поради лошите временски услови, владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев изутрината не отпатува за Драч.
На состанокот беа разгледани прашања за регионалната економска интеграција, отстранувањето на царинските бариери и создавањето нови работни места.
Премиерите на земјите од Западен Балкан ветија да ги забрзаат напорите за создавање заедничка економска зона пред нивната интеграција во Европската унија.
Домаќинот на средбата, албанскиот премиер Еди Рама поздрави „поразлично ниво на политичка волја и соработка во регионот“.
Еврокомесарот Хан, рече дека ова е втора средба и најверојатно ќе стане традиционална и дека е важно да се промовира регионот како поле за туризам, земјоделство и понатамошен развој на енергетскиот сектор, каде има неискористен потенцијал.
Првиот неформален состанок на премиерите од западен Балкан се одржа лани на 26 август во Драч, на кој присуствуваа и премиерите на Македонија, БиХ и Србија.