Унгарија ќе го одложи приемот на Шведска во НАТО поради критиките од Стокхолм за политиката на премиерот Виктор Орбан, соопшти денеска унгарската влада.
Портпаролот Золтан Ковач изјави дека за премостување на јазот е потребен напор од двете страни, пренесува Ројтерс.
Шведска и Финска поднесоа барање за приклучување кон воената алијанса на НАТО минатата година, по рускиот напад на Украина, но процесот го запреа Унгарија и Турција.
По неколку месеци застој од страна на владејачката партија Фидес на Орбан, унгарскиот парламент во понеделникот го одобри нацрт-законот со кој се дозволува Финска да се приклучи на НАТО, но барањето на Шведска и понатаму се чека.
„Во случајот со Шведска, има голем број поплаки кои треба да се решат пред да се ратификува приемот на земјата“, рече Ковач на својот блог.
Тој објави дека шведските претставници „постојано се обидувале дипломатски да ја нападнат Унгарија, користејќи ги нивните политички влијание да им наштети на унгарските интереси“, алудирајќи на шведските критики за падот на владеењето на правото од страна на владата на Орбан во последните 13 години.
Од друга страна, Орбан ги негира овие наводи и тврди дека Стокхолм со години зазема „непријателски однос“ кон Будимпешта.
„Кога ќе се додадат на ова проблемите и поплаките што ги има Анкара, нема многу простор за маневрирање, барем не додека Швеѓаните не го сменат своето мислење и однесување и не помогнат во заздравувањето на овие долгорочни рани“, рече Ковач.
Турскиот претседател Таип Ердоган минатата недела објави дека турскиот парламент, исто така, ќе го започне процесот на ратификација на приемот на Финска, додека ја обвини Шведска дека засолнува курдски милитанти.