Опозицијата бара актуелната власт да замине, да се формира технички кабинет кој би управувал до распишување предвремени парламентарни избори на пролет следната година. Смета дека актуелната власт лошо менаџира за државата. Од власта пак велат дека парламентарното мнозинство е стабилно, Владата има полн мандат, а следните избори треба да се одржат во редовниот термин во 2024 година.
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ситуација на вето за евроинтеграциите, реален спор со Бугарија кој, како што рече на вчерашната прес-конференција, нас не чини идентитет, инфлација, покачена цена на струјата, сиромаштија, растечка корупција, предвремените парламентарни избори се единственото решение.
-Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори, побара Мицкоски. Додаде дека предвремените избори не се секогаш најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени конечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државава.
Во одговор на новинарско прашање за тоа дали се согласил за премиер Албанец, Мицкоски на прес-конференцијата предложи на чело на преодната Влада да биде претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и тој, како што рече, да ја реши енергетската и економската криза, додавајќи оти очекува и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер.
– Ние одговоривме дека ова не треба да се третира како етничко прашање, туку како прашање на компетенции и вештини и дека ние немаме никаков проблем да подржиме ако определена личност која ги поседува компетенциите и има план и визија да работа за добро на сите граѓаните. Ако таквата личност биде предложена од најголемата партија во Парламентот, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и ако биде Албанец, очекуваме ДУИ да го поддржи, но стигна реакција од ДУИ дека тие ќе поддржеле ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и предложи Албанец, рече Мицкоски.
Тоа можеме да го видиме, додаде Мицкоски, ако се охрабрат и излезат на избори.
– Еве им можност и на Гаши да се покаже, но и ДУИ и Али Ахмети да го поддржат него наместо Димитар Ковачевски за мандатар на владата, рече Мицкоски.
Предлогот на Мицкоски, лидерот на Алтернатива Африм Гаши да биде мандатар за состав на нова Влада, наместо новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, за Алтернатива е неприфатлив од причина што партијата е дел од еден друг процес.
– Му благодариме на господинот Мицкоски за изразената почит кон претседателот Африм Гаши, но Алтернатива моментално е во еден процес кој е во тек и се уште не е завршен. Во овој период немаме причина и не можеме да зборуваме за ништо друго, се вели во рекацијата на Алтернатива.
Во иста насока како и ВМРО – ДПМНЕ за формирање експертска власта, со цел побрзо распишување на предвремени парламентарни избори е и Алијанса за Албанците.
– Поради лошото менаџирање на државата од страна на СДСМ и ДУИ, граѓаните се соочуваат со здравствена, економска и енергетска криза. Затоа, ги повикуваме пратениците кои уште ја разгледуваат можноста кон спојување со овој „брод што тоне“, да размислат мудро и да се повлечат од таквите авантури. Повикуваме на формирање на експертска влада, со цел побрзо распишување на предвремени парламентарни избори, изјави вчера Елми Азири од Алијанса за Албанците.
Тој исто така го поддржа предлогот на Мицкоски, Африм Гаши да биде новиот мандатар.
-Што се однесува до предлогот на Мицкоски, претпоставувам дека Мицкоски кај Африм Гаши гледа капацитет за справување со сите кризи што се случуваат во земјава, но и со решавање на евроинтеграцискиот процес. Ние го поддржуваме тој предлог, рече Азири.
Тој повика на рушење на актуелната Влада, и предвремени парламентарни избори, бидејќи како што рече, Европскиот совет повторно не даде зелено светло за отворање на проговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ, а тоа според него докажува дека „режимот СДСМ и ДУИ потфрли во исполнувањето на условите на Европската Унија, особено што се однесува до владеење на правото имплеметацијата на договорот за пријателство со Бугарија“.
Од СДСМ пак велат дека имаат стабилно мнозинство и Влада и дека изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.
– Имаме стабилно мнозинство токму со влегувањето на Алтернатива во коалицијата, следува избор на нова Влада со мандат до 2024 година, Влада којашто ќе биде посветена на справување со проблемите на граѓаните, Влада којашто ќе се посвети на справување со глобалната економска и здравствена криза, оттука сметаме дека фактот што имаме стабилно мнозинство говори за тоа дека немаме потреба од никакви технички влади ниту пак од предвремени избори, изјави организациониот секретар на СДСМ, Мартин Попов одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција.
Коментирајќи го барањето на Мицкоски за предвремени избори, претседателот на државата Стево Пендаровски, завчера во гостувањето во „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека на државата и недостига период без избори.
– Ако има 61 глас, ќе одиме на избори. Се разбира дека демократски донесена одлука треба да се почитува. Но, факт е дека имавме 5-6 изборни циклуси во седум/осум години наназад и факт е дека на државата и недостасува период без избори, во кој треба да видиме што новите луѓе во новата Влада после Нова година можат да придонесат, рече Пендаровски.
Тој, сепак, посочи дека според него многу тешко ќе се дојде до 61 глас во Парламентот за тој да се самораспушти и да се оди на предвремени избори.