Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска и утре ќе оствари работна посета на Брисел.
Денеска Димитров ќе се сретне со заменикот генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер, на која е предвидено двајцата соговорници да разменат информации за актуелната соработка меѓу Република Македонија и НАТО, како и подготовките што ги презема Македонија во рамките на пристапниот процес за членство на земјата во Алијансата.
Утре Димитров ќе има обраќање пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, при што ќе информира за актуелните подготовки за одржување на референдумот, текот на имплементација на клучните реформи во земјата од страна на Владата на Република Македонија и подготовките за скрининг процесот со Европската комисија, со цел на краток рок да се отвори патот за отпочнување на пристапните преговори.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент e работно тело на Европскиот парламент во кое членуваат претставници од различни парламентарни групи застапени во Европскиот парламент. Димитров ќе оствари и повеќе средби со пратеници од Европскиот парламент.