Лидерот на албанските „Црвено црни“ и поранешен прв човек на Високиот совет за правда, Крешник Спахиу, на својот Фејсбук профил објави дека само во текот на денешниот ден во Германија пристигнале најмалку десет возачи на албански министри.
Веднаш по пристигнувањето побарале азил, со цел да си ги спасат животите.
– Во Берлин, само што пристигнаа 10 возачи на министри. Бараат азил пред да им бидат одземени животите. Длабоко сочувство до семејството Ќордја, но како што смртта на Олдаши не беше сообраќајна несреќа, идентично и убиството на Шкелзен не може да биде самоубиство, напиша Спахиу.
Објавата на Спахиу е поврзана со вчерашниот случај кога Шкелзен Ќордја, возач на албанскиот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај, беше пронајден застрелан во служеното возило во гаражата на Министертвото лоцирана во магацините на Националната гарда.
Од досегашната истрага надлежните тврдат дека Ќордја (31) се самоубил, дека имал прострелна рана во предлот на главата и оти автоматското оружје било до него. Сепак се уште се чекаат резултатите од експертизата од земените предмети и отисоците.
Поради фактот што истрелот никој не го слушнал од дежурните гардисти, не се отфрла можноста на оружјето да имало придушувач. Она што дополнително ги зголемува сомневањата дека не станува збор за самоубиство се пронајдените три чаури.
Инаку, Спахиу изнел застрашувачко предупредување, дека „по возачот сега на ред е министерот Џафај“.
– Имам едно лошо претчувство, по возачот на ред е министерот, напиша Спахиу, за кого нема дилема дека возачот не се самоубил, туку дека станува збор за убиство.
И поранешниот албански премиер и претседател и екс лидер на опозициските демократи, Сали Бериша повикувајќи се на „сигурни извори“ тврди дека станува збор за убиство, бидејќи според него момчето имало три прострелни рани во главата и четири чаури во автомобилот. Според него убиството го извршиле двајца платени убијци, кои го „замолчиле бидејќи знаел нешто што не требало да знае“.