Премиерот Зоран Заев и придружната владина делегација денеска ќе присуствуваат на аудиенција кај папата Франциско во апостолската палата во Ватикан по повод денот на просветителите Св. Кирил и Методиј. Како што соопшти владината прес-служба, предвидена е и средба на Заев со државниот секретар на Светиот престол, кардинал Пјетро Паролин.
Во попладневните часови македонската и бугарската владина делегација ќе присуствуваат на отворање на заедничка културно-уметничка програма, организирана од министерствата за култура на двете земји.
Вчера Заев, во придружба на сопругата и на владината делегација, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод Манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.