Репрезентацијата на Македонија вечерва на Филип Втори во Скопје ја победи Словенија со 2:1 и на тој начин им ги расипа сметките на Словенците во нивната надеж дека ќе стигнат до второто место во групата за што им беше потребна победа во Скопје.

Првото полувреме помина во слаба игра. Изненадувачки беше што Словенците играа како да ова не е натпревар од првостепено значење за нив, но од друга страна, играта на Македонија беше поставена така што лесно ги блокираше наизглед немотивираните Словенци. Во овој дел од играта имавме и погодок, но судиите го поништија поради офсајд.

Многу подобра игра на двете репрезентации во второто полувреме. На општа радост на публиката, Елмас во 50-та минута го постигна првиот гол на асистенција на Пандев, а во 68 минута истиот играч погоди и за 2:0.

Словенците намалија во 95 минута на 2:1 преку пенал. Голот го постигна Иличиќ.

Во истата група, Австрија го победи Израел во Виена со 3:1, иако гостите успеаја да поведат први со 0:1. Со ова Израел дефинитивно испаѓа од игра, но сега нашите шанси се зголемуваат. Сепак, со оглед на фактот што допрва гостуваме на Австрија и Полска, нашите изгледи не се големи, па со оваа вечерашна победа всушност и направивме голема услуга на Австрија која не прегази среде Скопје со 1:4.

Полска немаше голем проблем на гостувањето во Латвија и победи со 0:3.

Полска е прв во групата со 16 бодови, Австрија втора со 13, ние сме на трето место со 11 бодови, колку што има и Словенија.

Во недела гостуваме во Полска, а Словенија ја пречекува Австрија. Не чека уште гостувањето во Виена, а дома на 19 ноември го пречекуваме Израел.

Словенија игра дома со Австрија и Латвија и очеква шест бодови од двата натпревари, но и гостува на Полска.

Австрија игра само уште еден натпревар дома, со Македонија, а им гостува на Словенија и Латвија.