Херојот од Втората светска војна, која го користела невиниот надворешен изглед, за да ја добие довербата на нацистите, а потоа да ги егзекутира, починала на 5 септември на 92-годишна возраст во Холандија.

Фреди Оверстеген, чија мајка била со комунистички убедувања, се приклучила на отпорот во татковината кога имала едвај 14-години, пренесува “Дејли Меил”.

Заедно со нејзината постара сестра Труси и нивната пријателка Хани Шафт, минирале мостови и железнички пруги, извлекувале Евреи од концентрациони логори и егзекутирале многу нацисти со пиштол скриен во кошницата на велосипед. Смртоносната тројка имала тактика: им приоѓале на нацисти во бар, ги заведувале и ги прашувале дали сакаат да се прошетаат до шумата, каде што, според зборовите на самата Фреди, ги ликвидирале.

“Моравме да го сториме тоа. Беше потребно да се убијат тие кои ги убиваа добрите луѓе”, изјавила таа во едно претходно интервју.

На прашањето колку луѓе убила, таа одговори: “Еден војник не прашува за тоа.”

Фреди починала на 5 септември – само ден пред да наполни 93. Таа беше последната преживеана од најпознатата женска ќелија на отпорот во Холандија која го посветила својот живот на борбата против нацистите и холандските предавници во предградието на Амстердам.

Сестра и ја преживеала војната и починала во 2016 година. Нивната пријателка Хани била уапсена една седмица пред капитулацијата на Германија и била егзекутирана.