Одборот на бранителите денеска одбележа 22 години од масакрот на осумте припадници на безбедосните сили, што се случи на 28 април 2001 година помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина во месноста Брезовица. Беше оддадена почит со минута молк, како и положување цвеќе пред плочата со имињата на загинатите полицајци и војници од претставници на Одборот, повеќе организации и здруженија, полицијата, Армијата, МВР и политички партии.

– Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележан никаде на друго место освен овде на Шара, овде каде и до ден денес после 22 години нема никаков знак на сеќавање на жртвите убиени во одбрана на својата татковина. Свесни дека ниту една цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека еден ден оние кои го направија овој злочин правдата ќе ги стигне, бидејќи правдата понекогаш спие, ама никогаш не умира. Не отидоа сами во смрт, туку државата ги испрати, таа побара а тие го дадоа своето највредно-својот живот, порача во обраќањето Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.

Според него, по 22 години, бранителите се запоставени и игнорирани во сопствената држава без трунка грижа.

– Според мене успешно ја одбранија не жалејќи ги своите животи, врадувајќи ги во темелите на денешнината, нивните рожби, сега веќе оформени граѓани на оваа наша татковина, се прашуваат зошто нивните родители ги дале своите млади животи жртвувајќи го најплеменитото-животот. Не постои изговор со кој би се оправдал заборавот, како што не постои и посвета должност од паметење, рече Најдов.