Во тек е една од најтешките и најризични спасувачки операции што кога било била спроведена во светот. Вкупно 18 нуркачи тргнаа по момчињата кои повеќе од десет дена се заробени во пештера во Тајланд.

Во првите изјави спасувачите рекоа дека операцијата што почна околу 5 часот утрово по европско време ќе се заврши до 11 часот, но и дека може да продолжи.

Но , откако почна операцијата , спасувачите испратија информација дека сепак ќе бидат потребни два до три дена. -Потврдуваме дека сме подготвени за денешната акција. Времето е добро , нивото на водата прифатливо .Нуркачите се подготвени. Децата се телесно , емоционално и ментално подготвени да излезат , изјави пред почетокот Наронгсак Осотанакорн , гувернер на покраината Чинг Раи , каде се наоѓа пештерата.

Во акцијата учествуваат 18 нуркачи , од кои 13 странци и петмина од Тајланд.

Пештерата и натаму е под вода , па преку поголемиот дел од тунелите ќе се користи нуркачка опрема. Има делови што , благодарејќи на силните пумпи се суви , така што ќе може да се поминат и пешки.

Австралиски доктори рано утрово ги прегледаа децата и оценија дека се способни да го поминат патот долг неколку километри.

Дванаесетте деца и нивниот тренер од 23 јуни се заробени во пештерата со високото ниво на подземни води , поради силните дождови.