Дваесетина ликовни творци од земјава и од странство ќе учествуваат на ликовната колонија „Љубанци 2019“, што почнува денеска и ќе трае до 21 јуни.

Од домашните ликовни уметници ќе учествуваат Данчо Ордев, Илија Богоевски, Владимир Лазоски, Ристо Андреев, Боро Арсовски, Ели Чочова, Мирослав Славковиќ, Харалампие Манчев, Станко Ѓорѓиев…

На ликовната колонија ќе учествуваат авторите Владан Ранѓеловиќ и Вукашин Станковиќ од Република Србија.

Од општината Бутел информираат од понеделник во општинските простории ќе бидат изложени 20 слики на уметникот Владан Ранѓеловиќ од Ниш. Тој веќе неколку години учествува на ликовната колонија во Љубанци.

За една недела, колку што ќе работи колонијата, ќе бидат создадни околу триесетина уметнички слики, главно со мотиви од старата љубанска архитектура и убавините на Скопска Црна Гора. И годинава, неколку уметници ќе работат скулптури во дрво и мермер.

На 18 јуни ќе се одржи и традиционалниот детски ликовен ден, кога дваесеттина најталентирани ученици од основните училишта во Општина Бутел, ќе се дружат и заедно ќе творат со познатите уметници и ликовни педагози.

Организатор на ликовната колонија е Општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози – Скопје. Средствата се обезбедени од буџетот на општината.