Членовите на британската конзервативна партија гласаат оваа недела за избор на нивниот нов лидер, кој ќе го наследи Борис Џонсон на премиерската функција, а Лиз Трас е фаворит пред Риши Сунак.
Трас добро и оди во анкетите по првите телевизиски дебати во кои се соочи со поранешниот министер за финансии.
Членовите на партијата на власт, околу 200.000, имаат рок до 2 септември да гласаат за својот фаворит. Резултатите ќе бидат познати на 5 септември. Гласачките ливчиња треба да се добијат до крајот на неделата.
Риши Сунак (42), кандидат фаворизиран од конзервативните пратеници и пофален за неговите потези за време на пандемијата Ковид-19, е помалку популарен кај пошироката партиска база. Трас (47), од друга страна, во последните денови доби низа одобрувања од истакнати партиски членови, меѓу кои и министерот за одбрана Бен Волас.
– Тоа е многу тесна трка и се борам за секој глас, рече Трас на кампањата за време на викендот.