Операциите за промена на полот нема да бидат на сметка на Фондот за здравствено осигурување и таков зафат нема да се изведува во јавните здравствени установи, информира доцна вечерва Министерството за здравство по реакциите во јавноста дека промената на полот ќе биде на државна сметка.
Реакциите се однесуваа на изјавата на министерот за здравство Венко Филипче.
Од министерството реагираа и на информациите кои беа објавени во некои медиуми дека српскиот хирург Мирослав Ѓорѓевиќ ќе биде вклучен во оперативни зафати во македонските здравствени установи, а за кого беше објавено дека наводно бил на црната листа на советникот на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Спроведувањето на оперативни зафати од страна на експертот Мирослав Ѓорѓевиќ значи опфаќање на голем број на уролошки операции за заштита на здравјето на децата, кои досега беа принудувани да патуваат во странство за нивно спроведување. Со овој ангажман на врвен експерт ќе успееме да заштедиме средства што досега беа одвојувани од Фондот за операциите во странство. Политика на Министерството за здравство е што повеќе услуги да бидат достапни за граѓаните во С. Македонија и да се намали потребата од патување во странство и секако да се спроведат повисоки стандарди во медицинските установи во државата, преку ангажирање на експерти кои ќе го пренесат своето знаење на македонските доктори, се вели во соопштението од Министерството за здравство.