Обидот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да отвори дипломатски канали со Русија во контекст на можни мировни преговори наиде на поделени реакции кај лидерите на Европската Унија на самитот во Брисел.

Германски владини извори таквиот потег го оценија како навреда сметајќи дека е неусогласен и непрофесионален, а некои европски лидери предупредија дека сè уште не е дојдено време за разговори со Москва. Други, пак, ја поздравија иницијативата.

„Не видовме вистинска подготвеност од Путин за сериозни преговори, а токму од тоа сè почнува“, изјави холандскиот премиер, Роб Јетен.

Шпанскиот премиер Педро Санчез порача дека Мадрид е подготвен да ги поддржи сите иницијативи што може да доведат до мир и крај на војната во Украина, а австрискиот канцелар Кристијан Штокер ја нагласи важноста на дијалогот.

„Секогаш сум за дијалог и отворање комуникациски канали бидејќи секој мир почнува со разговор“, рече Штокер.

Претставник на ЕУ потврди дека во последните недели имало контакти на дипломатско ниво со цел воспоставување комуникација со Москва, но дека не биле водени вистински преговори.

„Станува збор за вообичаено воспоставување дипломатски контакти, без суштински разговори и без преговори“, изјави претставникот додавајќи дека целта била Унијата да биде подготвена кога ќе се создадат услови за преговори.

Односите меѓу Брисел и Москва се сериозно нарушени по руската анексија на делови од Украина во 2014 година, а од почетокот на воената интервенција во 2022 година практично се замрзнати.

Во заедничкото соопштение лидерите на ЕУ порачаа дека ги поддржуваат дипломатските иницијативи за завршување на војната и дека Унијата останува подготвена дополнително да го засили својот ангажман.

Тие ја повикаа Русија да покаже „вистинска подготвеност за мир“, да прифати безусловен и итен прекин на огнот и да влезе во сериозни преговори за праведен и траен мир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на самитот ги информира европските лидери за состојбата на фронтот, а во Брисел се појави првпат откако поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој претходно блокира низа одлуки поврзани со Украина, ја напушти функцијата.

Европската Унија во последните месеци ја зголеми поддршката за Киев, вклучително и со отворање на пристапните преговори и одобрување заем од 90 милијарди евра, а лидерите едногласно ги продолжија санкциите против Русија за уште 12 месеци.

На крајот од првиот ден од самитот се разговараше и за економската конкурентност на Унијата и односите со Кина, а за денеска на дневен ред се преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ за периодот 2028 – 2034 година, што би можел да изнесува меѓу илјада и две илјади милијарди евра.