Група затвореници во подгоричкиот затвор Спуж започнаа штрајк со глад поради лошите услови и преместувања, при што синоќа запалија една ќелија.

За денеска се најавени протести од поголеми размери.

Весникот „Дан“ пишува дека затворениците ги запалиле душеците, креветите и облеката во една од ќелиите, по што сите внатре биле евакуирани.

Се наведува дека пожарот бил подметнат и во вентилациските отвори, но затворските службеници со брза интервенција спречиле потешки последици.

Затворениците бараат да се врати стариот начин на користење на прошетките во траење од еден час, а не како досега по 30 минути. Исто така, бараат да имаат посета на лекар барем еднаш неделно, а психијатар секојдневно.

Тие тврдат дека началникот на затворот ги игнорира нивните барања и тоа е една од главните причини за најавениот штрајк. Како проблем го наведуваат и тоа што имаат по еден тоалет на речиси десетина соби.