Скопскиот регион во целина е богат со подземни води, особено во западниот дел почнувајќи од централното градско подрачје кон Аеродром, Лисиче, Кисела Вода и реонот на вливот на реката Лепенец во Вардар. Резервите на подземни води во Скопскиот регион, што можат да бидат одржливо експлоатирани повеќекратно ги надминуваат потребите, а нивната искористеност во овој регион е околу 33 проценти.
Подземните води во Скопскиот регион, според процената на Министерството за животна средина и просторно планирање најчесто се користат за климатизација, односно системи за ладење и топлење и во голем дел за наводнување. Од Министерството за МИА велат дека подземните води главно се користат за капацитети што не влечат повеќе од еден л/с, за што не е потребна дозвола.
Мерењето на квалитетот на подземните води го врши УХРМ, во рамки на националната мониторинг мрежа за квалитет на водите. Ваков тип на мерења не се прават во континуитет, туку се прават повремено во рамки на проекти.
Д-р Златко Илијовски, директор на секторот Хидрогеологија при Градежниот Институт Македонија и геолошки инженер, кој со неговото искуство ги опфаќа сите аспекти на хидрогеологијата и геотехниката, вклучувајќи истрага на користење и заштита на подземните води во изјава за МИА вели дека подземните води треба да се истражуваат и мониторираат во континуитет. Мониторингот треба да се однесува на квантитативната и квалитативната состојба на подземните води, односно во континуитет треба да се следи нивниот квантитативен и квалитативен статус.
– Кај нас мониторингот се врши во многу ограничена форма, далеку од потребната, како по локации на набљудување, по зачестеност на набљудување така и по набљудувани параметри. Согласно ЕУ директивите за води сеопфатни анализи треба да се прават на секои шест години, вели Илијовски.
Кои се опасностите за животната средина доколку се загадени подземните води?
– Употребата на неквалитетна вода за пиење е сериозен ризик по здравјето на луѓето. Квалитетот на подземните води во државата сè уште е добар, но е под ризик од загадување. Големи притисоци има од нерешени таканаречени жешки точки, а најкритични се Охис, депонијата Вардариште, депонијата Југохром, непрочистени отпадни води, како и неуредни депонии, посочи Илијовски во разговор за МИА.
Од МЖСПП на истото прашање одговорија дека ова прашање поточно би било одговорено ако кажеме дека доколку околината е загадена тогаш постои можност подземните води да се загадат и навистина е проблем доколку тоа се случи бидејќи станува збор за стоечки води кои немаат систем на самопрочистување или е потребно многу време за тоа да се случи.
– Тоа може да предизвика проблем во животот на растенијата и животните, на и да влијае на квалитет на водите на бунарите. Но во секој случај квалитетот на водите од бунарите пред употреба секако се проверува, велат од Министерството за МИА.
Подземните води имаа речиси многу подобар квалитет од површинските води. Од подземните води со вода за пиење се снабдува речиси 50 проценти од светската популација, во Европа искористеноста на подземните води е 75 отсто, конкретно во Данска и Австрија се користи сто проценти, додека во Германија, Франција и Холандија искористеноста е нешто повеќе од 50 отсто. Словенија и Хрватска користат 95 проценти од подземните води, Србија 75 отсто, а Македонија 75-80 проценти.
Златко Илијовски вели дека на светско ниво до 2050 година, 50 проценти од населението ќе се соочува со проблем на обезбедување на вода за пиење, некаде од аспект на количина, а некаде од аспект на квалитет.
– Климатските промени имаат сериозно влијание на глобално ниво на смалување на расположливиот ресурс на подземна и површинска вода, како и на одржливото управување со водите, додава тој.
Превенција и заштита на подземните води
Министерството за животна средина и просторно планирање препорачува дека превенциите за заштита на подземните води мора да бидат мултисекторски бидејќи зависат од урбаното планирање, индустријата, земјоделието (користење на пестициди) управување со отпадот, климатските промени, неекономичното зафаќање на водите и слично.
– Главна превентивна мерка е воспоставување на санитарни заштитни зони за да извориштето биде обележано и заштитено како мерки што се во согласност со одредбите од Законот за води, додаваат од Министерството.
Д-р Златко Илијовски вели дека државата главно е средно до добро богата со подземни води. Вкупно расположливи ресурси на подземната вода што може да се искористи е околу 50 м3/сек., а ако ова се претстави како количина на водата за пиење, доволна е за околу 12.000.000 жители.
Според податоците, распространетоста на подземните води не е рамномерна, западниот дел од земјата е многу побогат со подземни води за разлика од источниот дел. Од вкупно 40 извори со капацитет поголем од 100 л/с ниту еден не се наоѓа во Источниот дел од државата.
Исечок од хидрогеолошка карта, град Скопје
– Водоснабдувачките системи во С. Македонија се застарени, но и жителите немаат навика на домаќинско, штедливо и рационално користење на водата. Водоснабдувачките системи во државата имаат загуби од 40-70 проценти, вели Илијовски.
Изворот Рашче што снабдува со вода околу 90 проценти од населението во Скопскиот регион, што брои околу 600.000 жители, според Илијовски е огромен бенефит и природно богатство што треба да се чува и користи одржливо.
– Сега за сега водата е со одличен квалитет, но истиот е под сериозна закана од загадување од индустриската депонија Југохром која продуцира неконтролирано истекување на шестовалентен хром во реката Вардар и во зоните на прихранување на изворот Рашче. Оваа депонија треба што е можно поскоро да се отстрани, загадената почва и подземни води во зоната на депонијата и комбинатот Југохром да се стават во процес на ремедијација, а целиот простор да биде рекултивиран, заклучува тој.
Кристина Ивановска
(Со оваа сторија, МИА се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.)