Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој од утрово е во посета на Република Македонија, претпладнево пристигна во претседателската Вила Водно каде што треба да има обраќање пред државните власти, дипломатскиот кор и претставници на граѓанското општество.
Папата изутрината околу 8 часот слета на Скопскиот аеродром каде што беше пречекан од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, но и на традиционален македонски начин, со леб и сол.
Во делегацијата што го пречека светиот отец беа и вицепремиерот Бујар Османи, шефот на дипломатијата Никола Димитров и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
По официјалната церемонија во Вилата Водно, папата ќе има средба и со верските лидери во Спoмен куќата на Мајка Тереза.
На плоштадот „Македонија“ поглаварот на Римокатоличката црква ќе отслужи Света литургија на која се очекува да присуствуваат повеќе од 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство.
По литургијата папата ќе одржи екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.
Посетата на папата Франциск, се оценува како историски чин, а се реализира во исклучително важен период за земјава, кога исчекорува по патот на европските и евроатлантските интеграции, ја зацврствува внатрешната кохезија и носи пораки за помирување и солидарност.
Поради посетата на папата во Скопје денеска има посебен безбедносен и сообраќаен режим.