По Граѓанската војна во Грција 14.000 деца беа насила пренесени во педополисите за да не бидат „заразени“ од македонштината или комунистичката идеологија.
Во македонската историографија и креирањето на историската меморија на македонскиот народ, процес кој е важен за создавање на националната свест и самоспознавање, многу малку се знае за домовите на грчката кралица Фредерики формирани во текот на грчката Граѓанска војна (1946-49).
Постои голема дистинкција во историското познавање за евакуацијата на децата од Северна Грција од страна на Комунистичката партија на Грција (КПГ), испратени во источноевропските држави од една страна и за историјата на голем број Македонци и Грци кои поминале низ Педополисите или како што биле нарекувани домовите на Фредерики, од друга страна.
Кралицата Фредерики, по потекло Германка, на грчкиот престол доаѓа во април 1947 година, кога кралот Павле го наследил престолот од неговиот брат Георгиос II. Во тие бурни времиња за грчката држава, кралицата себе си се доживувала како „мајка на грчката нација“, која се ставила на браникот во борбата против комунизмот и во промовирањето на грчкиот национализам.
Не се сирачиња туку „деца на сите Грци“
Првобитните хуманитарни побуди со отварањето на Педополисите, а со цел да му се помогне на населението опфатено од воените судири, набрзо ќе се претворат во инструмент за националистичка и антикомунистичка индоктринација. Првите домови биле отворени во втората половина на 1947 години, а до крајот на војната нивниот број достигнал до 54, распоредени низ цела Грција. Формиран бил специјален „Фонд на кралицата“ чија цел била финансиски да го покрие целиот проект.
За време на отворањето на првиот Педополис, кралицата Фредерики во свечениот говор изјавила дека „тој е првиот плод на единството на грчкиот народ“ и дека децата кои живеат таму не се сирачиња, туку „деца на сите Грци“.
Меѓутоа, вистината сепак била поинаква. Во домовите немало само сирачиња, туку и деца насилно одземени од своите родители, посебно од македонските семејства, или деца чии родители биле во редовите на ДАГ, а се со цел тие да не бидат „заразени“ од македонштината или комунистичката идеологија. Тоа го потврдува и еден претставник на Министерството за социјални грижи кој изјавил дека децата морале да се соберат во домовите „за да се згрижат соодветно и да не станат жртви на болести или на антинационални верувања“.
Активностите на кралицата во насока на „згрижување“ на децата драстично се интензивирале од пролетта 1948 година, по одлуката на КПГ да ги евакуира децата од селата под нејзина контрола во државите од Источна Европа. На 6-ти март, само три дена по носењето на одлуката на КПГ за евакуација, грчката влада преземала паралелна иницијатива. Околу 14.000 деца ќе бидат преселени од регионите под контрола на ДАГ, најчесто македонски села, во областите контролирани од владата.
Насила сместувани деца во педополисите
Официјално Педополисите постоеле до 1950 година, т.е. кога веќе Граѓанската војна била завршена, а државата била во процес на обнова после десетгодишниот воен период. Од 18 илјади деца колку што вкупно биле згрижени, во своите домови биле вратени околу 16 илјади. Останатите 2.000 продолжиле да престојуваат во домовите, пред се’ поради тоа што родителите им биле или убиени или не се знаело каде се, или биле затворени или осудени на смрт како комунисти. Исто така, во Педополисите во повоениот период биле доброволно, но и насила сместувани деца кои се вратиле во Грција од источноевропските држави. Така на пример, Лоринг Данфорт и Рики ван Бусхотен во нивната книга „Децата на Граѓанската војна во Грција“ наведуваат пример на една девојка која се вратила од Југославија во своето село во близина на Лерин, но одбила да оди во домовите на Фредерики со страв да не го изгуби мајчиниот јазик, македонскиот.
Општо земено идеологијата во педополисите и во програмите на Фондот на кралицата била националистичка. Во домовите децата биле учени да бидат лојални граѓани на грчката држава и нација, дека Грција е етнички најхомогената држава во Европа. Ако грчката нација најмногу се засновала на православието и грчкиот јазик, тогаш комунизмот кој прокламирал атеизам и македонофоното население кое претставувало пречка во „чистотата“ на грчката нација, биле прогласени за главни закани за сувренитетот на грчката држава. Главна цел на Педополисите била да го искорне „варварскиот дијалект“ кај децата кој мајчин јазик не бил грчкиот. Данфорт и Бусхотен во нивната книга го даваат примерот со Македонецот Џон Толиос, по потекло од леринските села, а денес населен во Торонто, Канада. Толиос како мало дете бил однесен во еден дом во Солун, при што тој воопшто не го зборувал грчкиот јазик. „Бидејќи таму на децата им беше забрането да зборуваат македонски, Џон многу брзо научил грчки. По седум години, вели тој, сосема го заборавил ’својот јазик’. Многу години подоцна, во својот дом во предградието на Торонто, Џон сфати што било работата: ’Тие ги организираа овие училишта за да можат да не’ погрчат’“.
Родителите ги лажеа: Ги евакуираме децата
За поилустритативно да го објасниме процесот ќе го искористиме интервјуто пренесено во гореспоменатата книга на Данфорт и Бусхотен, направено со Трајан Димитриу, Македонец кој денес живее во Торонто, Канада. Димитриу е роден во 1934 година во леринското село Лесковец. Со почетокот на Граѓанската војна тој се преселува во блиското село Песочница кај неговата сестра, бидејќи Лесковец било на „ничија територија“, т.е. на самата фронтова линија. Дента кога владините сили влегле во Лесковец со цел насилно да ги соберат македонските деца, Трајан бил во посета на своите родители. Тој објаснува: „Бев дома кога дојдоа да ме земат. Им зборуваа на моите родители: ’Ги евакуираме децата. За нивно добро. Ќе одат на училиште; ќе бидат на сигурно’. Но фактички, ние бевме земени насила. Моите родители не можеа да сфатат. Тие одбија, и двајцата… Војниците беа вооружени; ги удрија родителите… Кутрата моја мајка! Ги турна војниците; се бореше со нив. Од страв не презедов ништо бидејќи можеа да пукнат и на место да те убијат… Не сакав да ги ставам родителите во опасност. Ако речев: ’Не одам’, сигурно ќе ми ги убиеја родителите. И така, не’ натоварија на камиони и не’ однесоа во Лерин“.
Трајан од Атина со група на деца бил пренесен во островот Лерос, каде бил сместен неколку години. За животот во Педополисот ќе каже: „Се обидуваа да не’ задојат со патриотизам. Не’ држеа одвоено во едно милје каде не постоеше друга можност освен да се комуницира на грчки. Не можеше да зборуваме на друг јазик. Се разбира, во тоа време не го викаа македонски, бидејќи беше обичај Македонците да ги викаат ’гнасни Бугари’“.
Од понатамошниот исказ на Димитриу се воочува тенденцијата на грчкиот национализам да го омаловажува неговото потекло и да му се всади грчки национални чувства и култура, со кои ќе требал да се гордее. Тој кога ќе се врател во селото требало да биде носител на „високата“ култура и да влијае позитивно во насока истата да биде прифатена и од неговото семејство.
Трајан во есента 1949 година се вратил во својот роден крај, при што си споменува: „Слегов во станицата на Песочница. Солзи се ронеа од очите на мајка ми. Луѓето гледаа во нас, прашуваа се што се случува. Гледај ме, реков. Не ме претопија“. Сепак, условите за живот во Лесковец веќе не биле исти, голем дел од населението почнало да се иселува, меѓу нив бил Трајан кој заминал за Канада. За тој период од животот на крај од неговиот исказ ќе каже: „Немаше иднина. Луѓето се’ уште беа по затвори; се’ уште беа сослушувани. Ги апсеа веднаш штом се вратеа. Тие сакаа само да се вратат во селото и да си продолжат со животот“.
(Димитар Љоровски Вамваковски во весникот на Македонците во Грција „Нова зора“)