Повеќе од 200 припадници на полицијата во Хонг Конг денеска упаднаа во канцелариите на онлајн опозицискиот медиум Стенд Њуз (Stand News) и уапсија шест лица, меѓу кои и уредништвото и управата под сомнение дека објавиле „бунтовничка содржина“.
Локалната полиција во соопштение информира дека постапила по наредба со која се овластува да пребараат и одземат релевантни новинарски материјали.
Во акцијата биле ангажирани повеќе од 200 полицајци во униформа и цивилна облека, се додава во соопштението.
Стенд Њуз е основана во 2014 година како непрофитна организација и е најистакнатиот и единствениот преостанат опозициски медиум во Хонг Конг, откако култниот таблоид Епл Дејли (Apple Daily) беше затворен за време на истрагата за националната безбедност на почетокот на годинава, а сопственикот Џими Лаи беше затворен.