Полицијата денеска постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија за претходна постапка, изврши претреси на вкупно 20 локации, при што од слобода се лишени и во полициски станици се приведени лицата Б.А. (22), Б.А. (19), М.А. (47)), Б.А. (23), С.Ј. (22), Е.Б. (27), З.М. (33), Љ.А. (30), Ш.А. (35), Р. А. (33) (полициски службеник), А.А. (26) и Е.С. (24), сите од Скопје, а се трага по уште три лица кои бие дел од групата.

При лишувањето од слобода и при извршените претреси, информираат од МВР, на повеќе локации се пронајдени и одземени наркотична дрога, муниција, два пиштоли, патнички моторни возила, од кои едно блиндирано, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони, компјутерска опрема…

Лицата со соодветна кривична пријава ќе бидат предадени на надлежното јавно обвинителство.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување денеска спроведе координирана полициска акција со цел сузбивање на повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје.

Членовите на оваа организирана криминална група, појаснуваат од МВР, подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” предвидено и казниво по член 396 од Кривичен законик.

Во текот на истрагата, се посочува, во неколку различни случаи документирани се продажби на наркотична дрога и оружје.