Втор ден по ред пратениците во Парламентот на Ирак не успеаа да изберат нов спикер, што треба да биде прв чекор кон избор на Владата по изборите што се одржаа уште во мај.
САД ги повикаа ирачките пратеници да изберат умерена и националистичка Влада, а не Влада заснована врз исламистичките елементи во Парламентот, која нема да биде премногу блиска до Иран.
Премиерот во оставка Хајдер ал Абади постигна начелен договор за соработка со водечкиот шиитски свештеник Моктада ал Садр, чија партија со 54 места има најмногу пратеници во Парламентот. Абади и Садр најавија дека имаат поддршка од вкупно 177 пратеници што е доволно за избор на спикер и на влада, и се смета дека ја имаат поддршката на САД за формирање на влада на чие чело повторно ќе застане Ал Абади.
Но друг поранешен премиер, Нури ал Малики, и неговата проиранска коалиција, презема пратеници од партиите кои им изразија поддршка на Садр и Абади. Малики предизвика застој во работата на Парламентот кога побара да им се дозволи на поединечните пратеници сами да се изјаснат дали ја поддржуваат коалицијата, на Садр и Абади, а не преку лидерите на нивните партии, како што беше првичната замисла.
Мохамед Али Зеини привремено претседава со Парламентот како најстар пратеник, но тој не успеа да собере доволно пратеници поради бојкотот на повеќе пратенички групи. Тој најави дека нов обид за избор на спикер ќе се одржи на 15 септември.
Изборот дополнително го комплицира тоа што се очекува местото на спикер да му биде отстапено на пратеник од сунитската заедница, и покрај тоа што во двата блока кои се натпреваруваат за превласт се вклучени шиитски вооружени групи кои учествуваа во освојувањето на сунитските делови на земјата и протерувањето на Исламската држава.